ОЈО БАРА МЕРКИ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА ПОСЛЕДНИОТ 19 ОСОМНИЧЕН - Обвинителството со нови детали
Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани доставило предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен, на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Како што е познато, бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица.
Од новоосомничените, тројца се министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување, еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат.
Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани. Обвинитеството определи 30-дневен притвор за четири лица, за шест лица куќен притвор и мерки за претпазливост, а за осум лица само мерка за претпазливост.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска пред медиумите, како одговор на новинарско прашање, рече дека истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не е завршена и дека, според него, може да биде опфатен и МВР.
Министерот рече дека седум полициски службеници имаат кривични пријави, но не кажа дали меѓу нив има актуелни одговорни лица, а наместо одговор, даде осврт на минати случувања.
