Охрид ќе добие дигитален систем за следење на водоводот вреден речиси милион евра
Општина Охрид склучи договор вреден 60,9 милиони денари со ДДВ, односно околу 990.000 евра, за воведување СКАДА и ГИС систем во градскиот водовод.
Станува збор за дигитален систем преку кој ќе се следат и управуваат пумпните станици, резервоарите, бунарите, притисокот, протокот и нивото на водата во водоснабдителниот систем. Со договорот е предвидено и дигитално мапирање на 235 километри водоводна инфраструктура.
Од јавно достапните информации, проектот претходно бил најавуван и планиран, а сега влегува во фаза на реализација преку склучен договор. Во јануари 2025 година ЈП „Водовод“ Охрид го наведувало СКАДА системот како еден од приоритетите, а подоцна проектот бил дел и од програмските документи на Општина Охрид.
Набавката ја доби „ГДи експорт-импорт“ ДООЕЛ Скопје, компанија со седиште во Скопје и дел од меѓународната ГДи групација, чие седиште е во Загреб, Хрватска. Во договорот како застапник на фирмата е наведен Дејан Крстевски. Според податоците на групацијата, претседател и главен извршен директор на „ГДи“ е Боран Лончариќ.
Најголема ставка во понудата е лиценцираниот СКАДА софтверски пакет за две работни станици, вреден 16,4 милиони денари со ДДВ, односно околу 267.000 евра. Посебен дел е и ГИС системот, вреден 10,45 милиони денари со ДДВ, околу 170.000 евра.
Според договорот, системот треба да се имплементира во рок од 150 дена од добивање писмен налог. Целта е Охрид да добие централизирана дигитална контрола на водоводната мрежа, со подобар увид во работата на пумпите, резервоарите и водоводната инфраструктура.
Истата фирма во април годинава добила и договор со Министерството за транспорт за изработка на софтвер и имплементација на веб-базирана геоинформатичка платформа, вреден 215,1 милиони денари, односно околу 3,5 милиони евра.
Филип Костов
