Огнометите го „зовриваат“ аерозагадувањето
Огнометите кои се неизбежен дел од празнувањето на Нова година, доведуваат до поголемо загадување на воздухот. Во повеќето македонски градови имаше огномети по повод дочекот на новата 2020 година.
Екстремно се зголемува степенот на загадување на воздухот од штетните честички од пиротехничките материјали, објаснува екологистот Светлана Станојковска.
„Пиротехниката загадува и таа во својот состав има цврсти или течни хемиски материи. Ефектите во воздухот се во вид на светлина, топлина или гасови. Ако имаме големо загадување на воздухот во даден момент и имаме огномет тогаш штетните честички остануваат ,,заробени“ во студениот воздух над градовите и имаме енормно загадување на воздухот“, додава Станојковска.
Словенија ги откажува новогодишните огномети со цел да се спречи загадување.
Повеќето градови ги откажаа своите традиционални огномети со цел да се спречи загадувањето на воздухот и да се зголеми општата безбедност.
Ваква одлука донесоа градовите Марибор и Целје, а локалните власти информираа дека точно на полноќ, наместо огномет ќе има аудио и видео перформанси. Некои градови огнометот го заменија со био-разградливи конфети. Дополнително, некои градови и општини целосно ги забранија пиротехничките средства со цел да не се загадува воздухот, и да не се вознемируваат животните.
Во текот на новогодишната ноќ Скопје беше 11-ти најзагаден град во светот, а потоа падна на 14-то место.
На вториот ден од стартот на 2020 година, воздухот во Македонија по градови е високо или средно загаден.
Меѓу најзагадени се Тетово, Битола, Струмица, Кичево.
Сања Атанасовска