Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Како да препознаете сериозна понуда за работа?

ОГЛАСИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Како да препознаете сериозна понуда за работа?

На многу сајтови за вработување, но и на социјалните мрежи има огласи за вработување, но граѓаните кои бараат работа често се во недоумица кои од огласите се веродостојни.

Се случува едни исти компании многу често да бараа кадар, има огласи каде не се бараат некои посебни квалификации, освен флексибилност и ентузијазам или огласи каде исклучиво се бараат кандидатки за вработување до одредена возраст. Во дел од огласите се нудат високи плати и плус бонуси што изгледа примамливо.

Младиот Раде Ристиќ од Куманово откако завршил средно стручно училиште во родниот град, бара работа, а во меѓувреме волонтира преку Црвен Крст на граничен премин Табановце и им помага на бегалците. Тој вели дека многу од огласите се објавуваат само формално, а луѓето веќе се вработени.

„За 80% од огласите веќе се најдени работници, само формално ги пуштаат огласите. Кога сакам да разгледувам огласи, ги следам на страницата на АВРМ или директно изложени огласи во Центарот за вработување за тоа каде има потреба од работници. Инаку нема некоја техника како да се препознае кои огласи се веродостојни, а кои не. Мене лично поверодостојни ми се тие со повеќе информации од типот  плата, работно време, обврски, локација на фирма, историја на фирма“-вели Ристиќ.

Давид Алексовски, магистер по економски науки вели дека ангажирањето на работници од работодавачите би требало да се одвива според определени правила и критериуми дефинирани во Законот за работни односи на РМ. Ако работодавачот вработува кадар по пат на јавен оглас во истиот мора да ги наведе следниве елементи: насловување на работната позиција со прецизно дефинирање на работните задачи, условите за работа кои кандидатот мора да ги исполни, времетраењето на дневното и неделното работно време, рок за пријавување кој треба да биде минимум 5 дена, рокот за избор на кандидати, точни податоци на работодавачот (назив, седиште, телефон, лице за контакт и адреса за доставување на апликациите) и износот на нето плата, додава тој.  Советува да не избрзуваат луѓето со давање на лични податоци кои не мора да ги даваат.

„Исто така особено корисно е да се направи мини истражување ( преку телефонски контакт со официјално лице, интернет или неформални контакти) за работодавачот за проверка на клучните податоци за дејноста, седиштето, лицата за контакти и слично. Вообичаена пракса за сериозните и легалните фирми е тие самите да инсистираат на интервју или првично запознавање со кандидатот.  Доколку тоа не е случај тоа е убав знак за зголемена претпазливост.  Дополнително наведениот износ на плата е исто така сигнал за веродостојност. На интернет може да се пронајдат статистички податоци за просечни плати по дејности за домашни и странски економии. Не би требало да се очекуваат некои претерани разлики со понудените плати. Во крајна линија треба да се избегнуваат неформални огласи за вработување, особено за во странство,  поставени само на facebook, на плакати на улица и слично, и да се користат формални и докажани посредувачи за работа, кои имаат широка база на податоци и контакти за проверка на работодавачите“- објаснува Алексовски.

Вообичаено во огласите најмногу работници се бараат за Скопје и скопскиот регион, а за помалите места потребата за ангажирање работници е помала.

С.А.

Слично

Поврзани вести