ОФИЦИЈАЛНО ГРАВ НЕМА, ОСВЕН АКО ГО ПЛАЌАТЕ „ПОД РАКА“: Во скопски Чаир, локални продавнички го продаваат како дилери!
Откако пред неколку дена Владата со одлука ги замрзна цените на 11 земјоделски производи, меѓу кои и гравот, деновиве овој производ не може да се најде никаде во маркетите.
Локалните продавачи велат дека не им се исплати да го продаваат по цена од 75 денари и затоа и го повлекле од продажба.
Меѓутоа, сепак, за оние упорните, грав ќе се најде. Доколку во маалската продавничка ве познаваат, ќе добиете грав по стара цена, исто како да купувате дрога: под рака и скришум.
Така е во скопски Чаир и Бутел, од каде граѓаните до редакцијата на „Фактор“ испратија голем број поплаки.
„Во големиот маркет гравот е целосно повлечен од продажба. Не дека го нема, до пред да се донесе одлуката, полиците беа полни. Го повлекоа затоа што немаат сметка да го продаваат. Во помалите дуќанчиња грав има, ама се продава по цена од 170 денари за килограм. Стои во вреќа, без назначена цена. Така продавачите се штитат ако им дојде инспекција. Никој не знае по која цена се продава. Јас денес си купив грав по стара цена. Ако сакаме да јадеме, ќе купиме. Тоа е“, вели жител во реакцијата до нашата редакција.
Во пресрет на празниците, освен цената на гравот, се замрзнаа цените и на доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, леќата, бананите и портокалите.
Свежите домати треба да чинат максимум 70 денари, краставиците 75 денари, кромидот 60 денари, карфиолот 70 денари, максималната цена по која ќе се продава пиперот не смее да надмине 90 денари, гравот 75 денари, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари за еден килограм.
Дваесет фирми чувале залихи на овошје и зеленчук, ќе добијат казни до 10 илјади евра
Вкупно 20 фирми се проверени во неодамнешната акција на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Скоро сите ќе бидат казнети бидејќи имале доволно залихи на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрбуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и февруари. За нив ќе следат казни од 800 до 10.000 евра.
Како што објави „Сител“, двајца на Кванташки пазар се казнети и затоа што продавале како физички лица. Од фирмите, пак, се одземале фактури од увозот на овошјето и зеленчукот кои треба да покажат дали и како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки. Истрагата и контролите ќе продолжат од утре.
Надлежните институции од фирмите ги имат земено сите потребни документи и најавуваат дека проверката ќе продолжи и денес.
– Фирмите во петокот не извршиле достава по одлуката за 70 осто од продажбата што ја имале во јануари и февруари. Сите надлежни институции ги земавме потребните документи и потребно е да се сработат. Истраги ќе има. Документите целосно ќе се прегледуваат и од другите институции, ова што ние сме биле вчера и што сме санкционирале не е запирање. И од понеделник ние како Државен пазарен инспекторат ќе бидеме на терен и кој нема да врши достава согласно одлуката ќе го казнуваме – изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.
Од саботата над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат се на терен на територијата на цела држава, каде вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје. Инспекторите на ДПИ постапуваат во координација со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи.
Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено беше и на Кванташкиот пазар. Исто така се вршеа надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови.
Д.Т.
