Одземениот имот од Груевски оди на јавно наддавање: Колку чини квадрат?
Државата пак ги понуди на продажба трите станови во „Панорама резиденс“, кои беа конфискувани по правосилната пресуда за случајот „Плацеви на Водно“. Нив обвинителството ги поврзуваше со поранешниот премиер Никола Груевски како скриен имот.
Фотографиите објавени на страницата на Агенцијата за управување со одземен имот откриваат дел од луксузот што го нудат становите.
Два од апартманите имаат површина од околу 200 квадратни метри, со тераси од речиси 50 квадратни метри. Нивната почетна продажна цена изнесува по 850 илјади евра, што значи дека квадратниот метар започнува од над 4.000 евра.
Третиот стан е со површина од 150 квадратни метри, но располага со голем балкон од околу 95 квадратни метри. Неговата почетна цена е 760 илјади евра.
Продажбата ќе се реализира преку јавно наддавање, а заинтересираните купувачи ќе имаат можност лично да ги разгледаат становите на 16 јули. Наддавањето е закажано за 29 месецов.
Груевски доби азил во Унгарија и таму живее со години.
