Одземен пасошот и возачката дозвола на пратеникот на Левица,Сашко Јанчев
Кривичниот суд во Скопје ги прифати мерките на претпазливост што ги предложи Обвинителството за пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, по неговото учество во сообраќајна несреќа во Марино вчера по полноќ.
Пратеникот од Гевгелија е осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Управувајќи со „Хјундаи тусон“ удрил во мопед „Јијинг“ управуван од 16-годишен малолетник. Од судирот тешко беа повредени возачот на мопедот и неговата 13-годишна сопатничка, додека полесни повреди доби сопатникот на Јанчев.
Со одлуката, на Јанчев привремено му се одземаат патната исправа и возачката дозвола, со што му се ограничува можноста да ја напушти државата и повторно да управува моторно возило. Целта на ваквите мерки е да се обезбеди негово присуство и непречено водење на кривичната постапка.

Според извршените анализи, ниту еден од возачите не бил под дејство на алкохол или други супстанции. Автомобилот и мопедот се подигнати за вонреден технички преглед, а во тек е и сообраќајно вештачење
