Економија, финансии, бизнис

Контакт

Одржана првата национална конференција за паметни градови

Одржана првата национална конференција за паметни градови

Вчера беше одржана првата национална конференција за паметни градови во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и aмбасадорката на Швајцарија во Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада ја отворија оваа национална конференција.

Темата на концептот „паметен град“ беше како тој може да ги подобри условите за живеење во урбаните центри преку комбинирање на економскиот и одржливиот развој на животната средина.

Министерот  Манчевски рече дека за да функционираат паметните градови државата мора да инвестира заедно со локалната самоуправа и приватниот сектор за да се обезбеди основна инфраструктура.

„Градоначалниците ќе треба да сфатат дека технологијата сама по себе нема да го направи градот попаметен. Градењето паметни градови бара политичко разбирање за технологијата, разбирање за процесите кои се зад таа технологија и желба за обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини услуги на граѓаните. Градоначалниците многу брзо ќе се соочаат со огромни предизвици за да обезбедат најосновни сервиси на граѓаните, како на пример вода“, изјави Манчевски.

Како што истакна министерот, анализите покажуваат дека до 2050 година, 80% од светската популација ќе живее во градовите, што би значело дека модернизацијата на секојдневното живеење, мора да почне со дигитализација на градовите и нивна трансформацијата во паметни градови, а се со цел олеснување и подобрување на квалитетот на животот.

„Денес би требало да предупредиме дека сега е времето кога мора да сфатиме како да ги користиме новите технологии за подобри цели. Не можеме и не смееме да продолжиме со истиот начин на дејствување и развој на градовите. Трупањето бетон за профит, без да се има предвид ефектот врз загадувањето на водата, воздухот, влијанието врз климатските промени не  може да продолжи. Работите мора да ги правиме на друг начин, технологијата да ја искористиме во вистинска насока“, рече Манчевски

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада информира дека Швајцарија одлучила финансиски да поддржи развој на концепт за „Смарт Охрид“ и да им помогне на општината и на граѓаните да управуваат со транспортот околу Охридското Езеро на одржлив начин.

„Посебните вредности на Охридското Езеро и неговиот статус на УНЕСКО подрачје, бараат особено внимание и сите вклучени чинители мораат да ги земат предвид прашањата поврзани со заштита на езерото и неговата средина на најсериозен начин. Ја поддржуваме подготовката на физибилити студија која ќе понуди поинакво гледиште и паметни решенија за предизвиците поврзани со транспортот во охридскиот регион. Станува збор за иновативен пристап кој е применет како методологија првпат во Македонија“,  рече амбасадорката Тејада.

Според неа имплементацијата на паметниот концепт ќе биде главниот предизвик за властите, на централно и на локално ниво, за граѓаните и за туристите.


Слично

Поврзани вести