Одредени затворски казни за запленетата марихуана на Плетвар, само полицискиот командир не призна вина
Петмина обвинети за шверц на 200 килограми марихуана која во април беше запленета во близина на Плетвар во полициска акција во која учествуваше американската ДЕА, признале вина и се спогодиле на затворски казни од три и пол до пет години.
Само екс командирот на прилепската полиција, Кире Спиркоски, кој е во домашен притвор, не ја призна вината и него го очекува судски процес.
Спогодбата склучена во средата кога е донесена и пресудата ја потврди Кривичниот суд.
„На ден 06.10.2021 година склучена е Предлог-спогодба помеѓу Јавен Обвинител и обвинетите: А.У. , Д.Ј. , М.З. , М.С. и Г.К. при што е донесена пресуда со која: обвинетите А.У и Д.Ј. се осудени на казна затвор во траење од 5 години а М.З., М.С. и Г.К. се осудени на казна затвор во траење од 3 години и шест месеци“, соопштија од судот.
