Одреден притвор за 14 дилери по акцијата на МВР
Во Основниот кривичен суд Скопје е определан мерка притвор од 30 дена за 14 осомничени припадници на криминални групи за неовластена продажба на дрога и оружје, откако полицијата вчера изврши претреси на 27 локации, при што беа приведени 15 луѓе, односно сузбиени се три организирани криминални групи инволвирани во недозволена трговија со дрога и оружје.
На едно лице, поради здравствена состојба му е определена мерка куќен притвор, додека, за останатите три лица кои се недостапни на органите на прогонот, притворот кој ќе се изврши од моментот на нивното пронаоѓање, ќе биде определен денеска.
Уапсените се на возраст од 20 до 54 години, сите се од Скопје, додека по тројца (З.Н., Е.Ш. и Ш.С.) се трага. При извршените претреси се пронајдени и одземени кокаин и марихуана кои се предмет на вештачење, муниција, пиштол, патнички моторни возила, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции и со учество на тимови од Царинската управа, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска акција, во која беа сузбиени три повеќечлени организирани криминални групи. Тие подолг временски период беа инволвирани во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје.
Согласно одредбите од Кривичниот законик на сторителите на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ им се заканува казна затвор од најмалку пет години, додека за кривичното дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ е предвидена казна затвор од најмалку осум години.
