ОДМОР НИ ТРЕБА ЗА „ПОЛНЕЊЕ НА БАТЕРИИТЕ“: Половина македонски граѓани ова не можат да си го дозволат
Одењето на годишен одмор е луксуз за дел од населението кај нас иако не би требало да биде така и секој има потреба да одмори. Голем дел од македонските граѓани поради сиромаштијата не можат да си дозволат одмор.
Ова може да се види и од статистичките податоци на Евростат. Поточно, 55 проценти од населението во Македонија, не може да отиде на одмор. Податоците се однесуваат за 2020 година. Психолозите велат дека одмор е потребен за да можат луѓето да ги „наполнат батериите“.
„Апсолутно е потребен одмор. Потребен е и физички и психички, по целата напнатост што ја имаме секојдневно. Одморот го освежува мислењето, потребата за комуникација. Од економски аспект колку луѓето можат да си дозволат одмор е друго прашање. Од психолошки аспект е потребен. Не мора да биде во летна сезона, важно е да одморат кога било, да излезат од секојдневното сценарио. Најверојатно кај дел од населението создава фрустрација ако гледаат дека некој друг оди на одмор, а тие немаат можност, а кај други тоа што не одат на одмор им станало како животен стил“, вели психологот и психотерапевт Јаворка Постоловска.
Но, во земјава има и граѓани кои со години не заминале на одмор баш поради финансиите. Лиде Стојановска, туристички водич додава дека податоците од Евростат за жал се поразителни.
„Ние имаме убава природа, чист воздух во малите места, но битно е да се отиде на море. Порано сме мислеле дека тоа е луксуз, но сепак е добро и за здравјето да се отиде. Се надевам дека тоа може да се промени, повеќе луѓе да одат на одмор. Голем дел од групите со кои работам се со пензионери од странство. Многу пензионери кај нас тоа не можат да си го дозволат. Сум имала туристи на возраст од 84, 85 и накај 90 години од Бразил. Кај нас за жал таа популација не може да патува и ги нема средствата“, објаснува Стојановска.
Полоша е состојбата во Косово, каде 69,5 проценти од населението не може да замине на одмор, а во Црна Гора дури 67,2 проценти од граѓаните не можат да си го дозволат истото. Во Романија, 62.5 отсто не можат да си дозволат одмор. Најдобро им е на жителите во Луксембург каде само 7,6 проценти не можат да си дозволат одмор. Балкански барометар во 2021 година објави дека 45 отсто од Македонците не можат да си покријат одмор од седум дена.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
