Одлуката на Бугарија е неуспех за Европската Унија, реагираат од Владата
За Владата, одлуката на Бугарија е неуспех за Европската Унија, а македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори.
Владата ова го наведе во реакцијата по ветото од Бугарија.
Од Владата велат дека досега не се создале соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и поради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ.
„Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи“, посочуваат од Владата.
Соред власта, задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи и ваквиот став на бугарската влада е спротивен на членот 2 од договорот за пријателство од 2017.
„Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смее да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смее да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ-интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување за кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено особено се гордееме и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, додаваат од Владата.
Македонија и Бугарија се блиски држави, велат од Владата, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО и ние сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со заемна почит и разбирање.
„Имаме заеднички геополитички интереси за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побргу да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридорот 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство“, велат од Владата.
Додаваат дека се благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел и дека Северна Македонија вложила сериозни дипломатски напори да создадат услови минатото да не биде кочничар на иднината.
Од Владата порачуваат дека ќе продолжат интензивно да разговараат во интерес на нашата европска иднина, при што сметаат дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници и затоа бараат вин-вин позиција.
Власта се заблагодарува до сите граѓани од сите етнички заедници и до сите политички претставници на заедниците во земјата, за поддршката што му се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.
Од Владата велат дека ќе продолжат со реформите со силен интензитет и дека нејзина обврска е да ги спроведе европските стандарди дома.
Потенцираат дека нема ни трошка вистина во, како што велат, манипулациите што ги пласираат некои од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ за наводно распродавање на македонскиот идентитет.
Власта апелира раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане да се радува на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознае моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки.
„Денеска се пропушти шансата за усогласување на преговарачката рамка, следната е на состанокот на Советот за општи работи во декември. Никако не можеме да се откажеме, немаме алтернатива. Разговорите продолжуваат уште од денеска со цел да најдеме начин да ги надминеме овие разлики во рамки на позициите што ги има и ги прокламира државата“, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Бугарија ги одобрува преговорите за Албанија, но не и за Македонија.
