Одложена расправата за двојното убиство на Вања и Панче, Видевски во болница
Јавната расправа во Апелациониот суд во Скопје за случајот со свирепото двојно убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше одложена, откако обвинетите не беа донесени на денешното рочиште. Новиот термин е закажан за 11 мај.
Причина за отсуството на еден од обвинетите, Боре Видевски, е неговата влошена здравствена состојба. Според неговиот адвокат Бојан Манев, Видевски се наоѓа на болничко лекување поради сериозни проблеми со бубрезите, при што вредностите на креатинин му се десеткратно над нормалните. Поради тоа, има постојана потреба од дијализа.
Адвокатот информираше дека Видевски пред два дена изгубил свест во притворското одделение во истражниот затвор „Скопје“. Тој посочи дека обвинетиот живее со трансплантиран бубрег и дека во затворски услови не му е обезбедено соодветно и континуирано лекување. Последен пат пред тоа, како што наведе, бил однесен на лекар во август 2025 година, а потоа дури на 17 март годинава.
Судијката на рочиштето побара од адвокатот да се обиде да обезбеди согласност од Видевски за да може да го застапува и да говори во негово име на следната расправа, на што Манев рече дека ќе се обиде.
Во овој случај, за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања од Скопје и пензионерот Панче Жежовски од Велес, неправосилно на доживотен затвор се осудени Љупчо Палевски, како директен извршител, како и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев како соучесници.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет дека им давал информации на грабнувачите за движењето на неговата ќерка, беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази. Сепак, Вишото обвинителство поднесе жалба на оваа одлука.
Истрагата сè уште не го пронајде оружјето со кое се извршени убиствата, ниту пак е утврдена таканаречената „зброевка“ на Видевски. Дел од обвинетите, Манев и Кешишев, ја признаа вината, додека Палевски и Видевски негираат вмешаност.
Обвинителството како мотив го наведе користољубието, додека одбраната тврдеше дека целта била друга, повозрасна жена. Во меѓувреме, една од обвинителките во случајот, Ана Стојковиќ Димитровска, е унапредена во Обвинителството за гонење организиран криминал.
