Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОДЛИЧНА ДОБИВКА ОД 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА, НО ДИВИДЕНДА ЌЕ НЕМА ПЕТ ГОДИНИ - Скопски пазар ги објави бројките и плановите, ќе инвестира и ќе враќа кредити

ОДЛИЧНА ДОБИВКА ОД 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА, НО ДИВИДЕНДА ЌЕ НЕМА ПЕТ ГОДИНИ - Скопски пазар ги објави бројките и плановите, ќе инвестира и ќе враќа кредити

Компанијата Скопски пазар лани оствари добивка од 1,7 милиони евра, што е зголемување за дури 57 отсто во однос на претходната 2021 година. Но, и покрај одличниот финансиски резултат што е остварен во текот на минатата година, Скопски пазар најавува до своите акционери дека дивиденда нема да се дели ниту сега, ниту во периодот од следните пет години, бидејќи претпријатието планира да инвестира, но и да ги отплатува своите кредити. Остварените вкупни приходи во текот на 2022 година на Скопски пазар изнесуваат близу 6 милиони евра или 368.261 илјади денари, што во споредба со приходите во 2021 година, значи зголемување од 26,9 отсто.

Вкупните расходи, пак, кои изнесуваат 4,13 милиони евра, односно 254.192 илјади денари и во споредба со истиот период од 2021 година бележат зголемување од 14,5 отсто. Ова значи дека иако вкупните расходи порасднале, кај нив процентот на пораст е многу повисок во споредба со процентот на пораст на приходите.

Кога станува збор за приходите од продажба на ова акционерско друштво, може да се види дека тие се целосно остварени на домашниот пазар, и кај тие приходи има зголемување за шест проценти.

„Друштвото во континуитет реализира стабилни приходи од издавање на деловен простор и недвижности со тенденција значајно да ги подобрува севкупните деловни резултати преку издавање на севкупниот недвижен имот расположлив за издавање“, нагласиле од компанијата во своето образложение.

Но, најголемиот пораст на приходната страна всушност е остварен кај останатите оперативни приходи, па ако тие во цела 2021 година изнесувалесамо 48 илјади евра, во 2022 година останатите оперативни приходи биле на ниво од дури еден милион евра, што значи дека зголемувањето е огромно, за над 2.000 проценти.

На расходната страна, пак, трошоците за вработените на компанијата се зголемени за шест проценти, а најголем пораст нса расходите има кај вредносното усогласување, односно обезвреднување на тековните средства.

Па така, оперативната добивка на компанијата е зголемена за 60 отсто во однос на претходната година, и во 2022 година таа изнесува 2,1 милиони евра.

Финансиските приходи, пак, пораснале за 132 отсто, додека кај финансиските расходи има пораст за 18 проценти.  

Кога станува збор за дивидендата, од компанијата во своето образложение на финансискиот резултат информираат дека на редовното Годишно собрание во мај лани не била донесена одлука за исплата на дивиденда за 2021 година.

„Согласно одлуките на Годишното собрание на акционери, остварената нето добивка за 2021 година се распредели за инвестиции. Согласно планот за инвестициони активности на Друштвото и обврските за отплата на долгорочните кредити, а истовремено имајќи ја предвид потребата од континуирана ликвидност на Друштвото,Управниот одбор на Друштвото е на став дека нема да има предуслови за исплата на дивиденда во наредните пет години“, се вели во објавата со која Скопски пазар преку берзата ја информира за своите планови инвеститорската јавност.

Од компанијата информираат и дека вкупните инвестиции во нематеријални, материјални средства, потоа вложувања во недвижности и инвестиции, лани изнесувале 1,9 милиони евра, а парите главно биле потрошени за реконструкција на Бит пазар, еден од најпрометните зелени пазари во земјава.

„Согласно одобрението за градба издадено од општина Чаир со правосилност од 21 март 2018 година, во текот на 2022 година се завршени активностите за реконструкција на Бит Пазар Скопје“, објаснуваат од Скопски пазар.

Од компанијата дават објаснување и за својот биланс на состојба, информирајќи ги инвеститорите дека лани продале свој недвижен имот.

„На 31.12.2022 година извршено е повторно мерење на објективната вредност на вложувањата во недвижности и ефектот од нејзината промена е соодветно евидентиран. Тековните средства и АВР се намалени за 59 отсто. Намалени се побарувањата од купувачите за 42 отсто како резултат на зголемена ефикасност во наплата на истите. Намалувањето на останатите побарувања е 21 отсто“, велат од компанијата.

Скопски пазар во своето обрзаложение известува и деказ вкупните обврски на крајот на минатата година се намалени за 34 отсто во однос на претходниот период.

„Друштвото во текот на 2022 година редовно ги исплаќаше тековните обврски и нема заостанатите долгови од претходните години. Обврските кон добавувачите се намалени за 202 илјади евра или за 24 отсто во однос на претходниот период. Краткорочните и долгорочните финансиски обврски се намалени за 59.834 илјади денари или 15 отсто. Главнината и резервите се зголемени за 4,64 отсто или 101.888 илјади денари. Друштвото во целост ги користи сите потенцијални извори на финансирање заради севкупното подобрување на финансиска стабилност и ликвидност, а обврските за кредити кон банките се сервисираат без задоцнување согласно договорената динамика“, се вели во образложението.

Од Скопски пазар информираат и дека дејноста за издавање на простор, изградба на простор и неговата продажба, во рамки на Секторот за пазари и недвижности е клучен носител за раст и развој на друштвото во годините што следат.

„Поради таа причина целокупната енергија, знаење и можности ќе бидат насочени кон спроведување на постојните инвестициони планови и изнаоѓање на нови извори на приходи на Друштвото“, се вели од објавата од компанијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести