Одекнаа сирените во Скопје
На пет различни локации низ главниот град изутринава во 5:17 часот одекнаа сирени во траење од една минута во рамките на „Разбуди се Скопје“, аудио-уметничка акција која треба да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година.
Акцијата се спроведе од Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае и едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“ во близина на Соборниот храм.
Организатор е групата која ги прави урбаните уметнички акции низ Скопје и работи во рамки на Центарот за современи уметности.
– Идејата на оваа акција е на еден можеби и помалку груб начин да се потсетат граѓаните на Скопје на трагедијата и да се додаде една нова димензија на јубилеите на земјотресот. Сметаме дека ова традиција на будење на градот на 26 јули која од 1964 па се до раните 90-ти постоеше во Скопје претставуваше извонреден начин на потсетување на граѓаните за жртвите на катастрофалниот земјотрес, кој скоро во целост го уништи градот и го измени неговиот лик, но и го трасираше патот кон модерно Скопје, велат организаторите на акцијата за МИА.
Организаторите смета дека ќе внесат нова димензија во одбележувањето на скопскиот земјотрес и оти ќе ги потсетат и градските власти за потребата од поправање и ставање во функција на системот на градските сирени за цивилна заштита кои, според нив, треба секој модерен град да ги има.
Според нив, Скопје би требало да ја продолжи традицијата која опстојуваше повеќе од 30 години и треба секоја година градот да се буди со звукот на сирените кои оддаваат почест на жртвите на земјотресот.
– Сметаме дека на овој начин, со влегувањето на звукот во домовите на скопјани и будењето на граѓаните во 5:17 часот, на најдобар начин кај секој скопјанец ќе се вреже сеќавањето на земјотресот, трагедијата и жртвите кои нема да бледеат од генерација до генерација. Секој што ќе го чуе звукот на сирените и барем за момент ќе се потсети на трагедијата од 63 во својата меморија ќе го вреже датумот 26 јули, изјави организаторот.
