Одбраната на Камчев: АНБ да не брка „кртови“, туку да објасни како го киднапираа бизнисменот
Одбраната на Јордан Камчев реагира денеска на брифингот од Агенцијата за национална безбедност во однос на службената белешка врз основа на која тој беше приведен. Прашуваат дали АНБ велејќи дека постапува по своите три основни надлежности потврдува дека Камчев бил цел на обработка поради тоа што претставувал опасност за националната безбедност или можеби бил осомничен за тероризам.
„Ако бил чист случајот зошто „службената белешка“ не беше презентирана на ниеден од адвокатите од одбраната на Камчев кои според законот на АНБ поседуваа и презентираа безбедносни сертификати што им даваат целосно право да имаат увид во овој тип на „службени белешки“. Наместо тоа, киднапираа бизнисмен врз база на усни информации, нашкртани на „службена белешка“ потпишана од страна на директорот. Ако немала забелешка собраниската комисија на работењето на АНБ во овој дел, зошто и самата Собраниска комисија го премолче записникот од седницата и заклучоците од истата? Дали и пратениците потклекнаа на методите на тајната служба, велат од одбраната на Камчев.
Додаваат и дека ако бил толку чист случајот со „службената белешка“ како што се тврди, зошто судиите кои ја оценувале и продолжувале мерката притвор ја тргнале оваа „службена белешка“ како основ за продолжување на мерката притвор откако на социјалните мрежи протече содржината.
„Наместо Агенцијата за национална безбедност да брка според неа т.н „кртови“ кои ја обелодениле оваа „службена белешка“ (што веројатно не им оди во прилог поради неиздржаноста и тенденденциозната провидност на нејзината содржина) нека дадат образложение и одговор за овој скандал врз основ на кој Јордан Камчев веќе шест месеци е киднапиран и држен во притвор, велат од одбраната.
