Одбиена молбата на Груевски да му се одложи затворот
Судијата за извршување на санкции не му ја прифатил молбата на поранешниот премиер Никола Груевски за тој да не се јави на 8 ноември во затвор. Оваа информација за 1ТВ ја потврди претседателот на кривичниот суд Иван Џолев.
Откако екс-премиерот Груевски ќе ја добие одлуката, има право на жалба во рок од 3 дена до кривичен совет од тројца судии, појаснуваат неговите адвокати. Советот на „скопска единица“ пак има ист рок од три дена да донесе одлука. Доколку кривичниот совет ја потврди одлуката Груевски ќе мора да се јави во затворот во Шутка.
Експремиерот е правосилно осуден на две години затвор за нарачката на луксузниот „мерцедес“. За случајот „Тенк“ со првостепена пресуда е осудена и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор, која најави жалба.
