Одбележан Денот на крводарителството и 73 години Црвен крст
Вчера Црвен крст на Република Македонија одбележа 73 години од своето постоење и 23 години од полноправното членство во Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвена полумесечина.
Во пресрет на денешниот ден - 17 Март – Денот на крводарителството во Република Македонија, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити изјави дека нивната организација ужива добра репутација во регионот и во државата и ја пофали одлична соработка со институциите.
„Крводарителите се едни од најхуманите луѓе во нашите редови и во нивна чест Денот на формирањето на Црвениот крст е и Ден на крводарителството во Република Македонија. Исполнет е годишниот план на крводарителство во Република Македонија, а тоа се 55.000 крвни единици. Толку беше планирано на почетокот на 2017 и толку се реализираа на крајот од 2017 година и со тоа помогнавме и придонесовме нашиот здравствен систем во ниту еден момент да не почувствува недостиг на крв и крвни продукти “, рече Саити.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека Црвениот крст е нивни сериозен партнер во активностите кои заеднички ги преземаат за унапредување на здравствената заштита на сите граѓани во нашата држава.
Министерот Венко Филипче истакна дека како и секоја година, така и оваа Министерството за здравство одвојуваат посебна сума на средства за програма за организирање и унапредување на крводарителството. Оваа година издвоени се 15 милиони денари.
