Од „Жикол“ бараат да се почекаат резултатите од истрагата, откако работник загина на градилиштето на Пречистителна станица - Скопје
Од Жикол како изведувач на Пречистителната станица на реката Вардар во Скопје нема да шпекулираат за причините за настанот и нема да изнесуваат претпоставки сè додека надлежните не ја завршат истрагата, откако педесет и двегодишен работник загина по пад од околу 20 метри при демонтажа на скеле на градилиштето.
Државниот инспекторат за труд утврдил дека на градилиштето немало колективна заштита, како заштитни мрежи, а работникот, кој бил вработен како тесар, не користел ниту лична заштитна опрема, односно не бил врзан со сигурносно јаже.
Поради констатираните недостатоци, издадена е забрана за работа на објектот каде што се случила несреќата, која ќе трае до нивно отстранување. По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.
- Длабоко жалиме и сме потресени од трагичниот настан во кој загина работник вработен кај наш подизведувач, но за причините да ја почекаме истрагата. Безбедноста на сите лица ангажирани на проектот претставува највисок приоритет за нас, реагира градежната фирма Жикол, откако во петокот загина работник при пад од скеле на објект од Пречистителната станица во Скопје.
Инвеститор на Пречистителната страница е Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје, а изведувач е конзорциум од германската компанија ВТЕ Васертехник и македонската Жикол.
