ОД ЗАКУП ДО СОПСТВЕНОСТ - се носи нов закон кој ќе им овозможи на полицајците да ги откупат становите во кои живеат
На предлог на неколку пратеници, ќе се носи нов Закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во Министерството за внатрешни работи.
Со новиот предлог-закон се отвора можност вработените во Министерството за внатрешни работи, но и пензионираните припадници на институцијата, или членови од семејството на починат поранешен вработени во МВР да ги откупат становите во државна сопственост што со години ги користат.
- Со Закон за продажба на станови во државна сопственост за вработените во Министерството за внатрешни работи, ќе им се овозможи на корисниците на предметните станови, да ги откупат предметните станови и со тоа трајно да го решат своето станбено прашање. Со Предлогот на законот исто така се овозможува и право на откуп на оваа категорија станови на лицата кои се стекнале со право на пензија во Министерството за внатрешни работи, како и лицата од потесното семејство на корисникот на станот кој починал, доколку живееле во станот и ги исполнуваат условите предвидени со предложениот закон - се посочува во законското решение доставено во Собранието.
Станува збор за станови кои досега биле доделувани на користење без право на откуп, врз основа на договори за закуп, што значеше дека корисниците не можеле трајно да го решат своето станбено прашање. Со новото законско решение, оваа пракса се менува, а право на откуп ќе имаат и членовите на потесното семејство на корисникот доколку тој починал, под услов да живееле во станот и да ги исполнуваат законските критериуми.
Цената на становите ќе се утврдува врз основа на повеќе параметри, меѓу кои градежната вредност, локацијата, трошоците за уредување на земјиштето и амортизацијата, а постапката ќе се води според правилата што важат за продажба на станови во општествена сопственост.
- Продажната цена на станот ќе се утврдува врз основа на градежната вредност, трошоците за уредување на градежното земјиште, местоположбата и амортизацијата на станот, од страна на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката. За утврдување на продажната цена на станот, за начинот на плаќањето на цената на станот, за уплатата на средствата за плаќање на станот и за заверувањето на договорот за продажба на станот, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за продажба на становите во општествена сопственост - се истакнува во предлог законот доставен до пратениците.
Измените ги предлагаат група пратеници од редовите на владејачката партија, или поточно станува збор за предлог на Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драган Ковачки, Никола Мицевски и Павле Арсоски.
Предлогот е законот да биде донесен по брза или скратена постапка, а заинтересираните ќе треба да поднесат барање до специјална комисија формирана од Министерството за транспорт и Министерството за внатрешни работи. Доколку корисниците не поднесат барање во рок од една година од стапување во сила на законот, нивното право на користење ќе се трансформира во класичен закуп.
Средствата од продажбата на овие станови ќе се слеваат директно во државниот буџет.
Со ова решение, како што се наведува, се очекува да се затвори едно долгогодишно прашање и да се обезбеди поголема сигурност за припадниците на МВР, преку трајно решавање на нивното домување.
П.О.
