Од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа Интерпелација за Николовски, велат нема капацитет да се справи со пожарите
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесоа Интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Велат дека поради несериозноста, неодговорноста и некомпетентноста на Николовски, Република Македонија скоро еден месец е во пламен.
„Во Македонија на целата нејзина територија се случуваат серија отворени пожари, односно опожарување на огромни површини високостеблеста формирана шума со непроценливи последици од трајна загуба и деградирање на шумскиот појас, сериозни еколошки последици врз животната средина, уништување на приватната и јавната сопственост и доведување во животна опасност на жителите на опожарените региони и населени места“- изјави Зоран Илиоски на прес-конференција.
Пратеникот додава дека информациите за нови пожари, но и за никаква помош од институциите при што граѓаните биле оставени сами да се справуваат, водело до заклучок дека дека периодот на појавата на шумските пожари и локациите на кои тие се јавија, се намерно предизвикани од актуелната власт сè со цел да се свртело вниманието на граѓаните од погубните политики кои ги спроведува актуелната Влада.
„Министерот Љупчо Николовски како најодговорен за грижата и заштитата на шумите согласно Законот за шуми наместо извршување на овласувањата, задолженијата и обврските кои ги има министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство уште од самиот почеток на состојбата со масовната појава на отворени пожари покажа очигледна несериозност во пристапот за решавање на овој проблем“- рече Илиоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Николовски нема капацитет да се справи со настанатата ситуација на терен и дозволил состојбата да ескалира.
