Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Македонци се пишуваа Албанци и етнички Албанци се пишуваа Македонци“: министерот Минчев потврди дека балансерот ќе биде укинат

„Македонци се пишуваа Албанци и етнички Албанци се пишуваа Македонци“: министерот Минчев потврди дека балансерот ќе биде укинат

Балансерот во минатото беше предмет на злоупотреби. Имавме случаи каде етнички Македонци се пишуваа Албанци и каде етнички Албанци се пишуваа Македонци

Ова го истакна денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев при што укажа дека балансерот ќе биде укинат. Оваа дигитална алатка, како што рече, во минатото била предмет на злоупотреби. 

Според Минчев, во Министерството за јавна администрација (МЈА) од вкупниот број вработени административци, 43 отсто се од етничките заедници и ова е предмет на ревизија.

- Балансерот во минатото беше предмет на злоупотреби. Имавме случаи каде етнички Македонци се пишуваа Албанци и каде етнички Албанци се пишуваа Македонци. Имавме и случаи каде припадници на други етнички заедници се пишуваа Македонци. Јас тоа можам да го конкретизирам и со актуелниот случај, согласно новата систематизација и бројот на вработени во новото МЈА каде од вкупниот број вработени кои припаѓаат на јавната администрација, 43 отсто се од етничките заедници. 

Балансерот како дигитална алатка ќе биде укинат. Бројките ќе се однесуваат на резидентното население согласно последниот попис во 2021 година и така ќе се применува и тоа е веќе завршена работа. 

Што се однесува до новото законско решение кое можеби ги засега токму овие закони што ги повлекуваме, а тоа е Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор ќе отвориме дебата и врз база на таа дебата ќе предвидиме законски решенија. Но, во овој момент решението е такво - објасни Минчев, одговорајќи на новинарски прашања. 

Тој претходно објави дека е почната постапката за повлекување на предлог-законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници. Целта е, како што соопшти Минчев, да се изготват поквалитетни решенија кои ќе бидат практично применливи и кои ќе овозможат бенефит за сите засегнати страни.

Минчев на брифинг со новинарите, најави широка јавна дебата за законите и изрази надеж дека тие ќе бидат донесени и ќе стапат во сила од јануари 2025 година, како што првично беше предвидено. Во рамки на дебатата, напомена, ќе се разговара и за реакцијата на синдикалците според кои, актуелното покачување од 15 проценти на платите не е доволно и е еден од клучните проблеми.

Со новите законски решенија, потенцира, прв пат ќе се формира и агенција за стручно усовршување и обука на административците, но се уште се размислува дали овој орган ќе биде дел од МЈА или од Владата.

- Сите добри решенија кои се веќе дел од законите, ќе останат, но сметам дека е потребно уште еднаш, низ транспарентен и консултативен процес, да донесеме одржливи закони кои нема да бидат „шминка и декор“, туку ќе бидат системски и прилагодени да одговорат на новите предизвици во насока на креирање професионална, департизирана и мотивирана јавна администрација, согласно принципите на СИГМА - истакна министерот.

Фото: МИА

Слично

Поврзани вести