Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од утре на Водно само пеш или со автобус

Од утре на Водно само пеш или со автобус

Од утре сите граѓани кои ќе сакаат да посетат Водно тоа ќе мора да сторат пеш или со специјалните автобуски линии на ЈСП кои поради забраната за движење со автомобили ќе се зголемат. Забрана за движење со приватни возила ќе има  од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

- Забраната ќе важи за време на викенди, сабота и недела, и за време на државните празници. Нема да се однесува на автобусите на ЈСП Скопје, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија - изјави градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

Со цел да им се излезе во пресрет во граѓаните кои се рекреираат на Водно, градските власти од утре воведуваат бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 25 (Транспортен Центар – Средно Водно) и бесплатни пробни линии 25 А (Авто Македонија – Средно Водно) и 25Б (Цветен Пазар – Средно Водно) за време на викенд (сабота и недела) и државен празник.

Билетите до Средно Водно се со стандардна цена, а потоа може да ја искористите и жичницата за качување до врвот на планината каде е поставен Милениумскиот крст.

Се предвидува и бесплатно паркирање во катната гаража „Македонска фаланга“ и паркингот „Дом на печат“ за граѓаните кои имаат намера да ја посетат парк-шумата Водно, движејќи се пеш или користејќи го бесплатниот превоз на автобуска линија бр.25 и пробните линии бр.25А и 25Б.

Превозот на сите линии во јавниот градски и приградски превоз предвидено е да се врши бесплатно кога во континуитет ќе има екстремни резултати од мерните станици кои го следат загадувањето на воздухот. 

Средствата за спроведување на оваа мерка на ЈСП „Скопје“ и ЈП „Градски паркинг“ ќе им бидат надоместени од буџетот на Град Скопје. 


Слично

Поврзани вести