Од татко Грк и мајка Македонка, Јорго Капорис ги спојува балканските народи преку фолклорот: „Кај нас нема политика“
Во далечната Австралија, каде илјадници километри ги делат од родниот Балкан, една приказна за заедништво, љубов и традиција тивко, но моќно се испишува. Во нејзиниот центар е Јорго Капорис – човек со македонски корени по мајка и грчко потекло по татко, кој преку фолклорот успева да ги поврзе народите што историјата често ги делела.
Преку културно-уметничкото друштво „Душа Балканска“, Јорго создава простор каде што разликите исчезнуваат, а останува само љубовта кон традицијата. Во ансамблот членуваат играорци од Македонија, Грција, Србија и Бугарија – млади луѓе кои, наместо поделби, избрале да ја негуваат заедничката културна нишка што ги поврзува.
Во интервју за „SBS Македонски“, Капорис зборува со искрена емоција за мисијата што ја носи:
„Собравме ора и песни од сите краеви на Балканот. Создаваме хармонија од различните култури. Кај нас нема политика – сите сме тука со една цел, да играме фолклор. Тоа е нешто најубаво што можеме да го доживееме. И покрај различностите, има многу љубов меѓу нас“, вели тој.
Неговите зборови носат тежина на искуство, но и надеж. Во „Душа Балканска“ нема место за предрасуди – само за чекори што раскажуваат приказни постари од границите.
„Порано немало граници како денес. Сега постојат, но фолклорот покажува дека сме поврзани. Истото оро се игра на различни места, под различни имиња, но со иста душа“, објаснува Јорго, посочувајќи дека токму традицијата е најсилниот доказ за заедничкото минато.
Сепак, зад оваа убава приказна стои и лична болка. Капорис отворено зборува за своето потекло и за спомените што ги носи од своите предци.
„Татко ми е Грк, мајка ми е од егејскиот дел на Македонија. Идентитетот е нешто што не може да се избрише. Од баба ми и дедо ми слушав приказни за страдања, за неправди... тоа боли. Зошто некој мора да помине низ тоа? Идентитетот е идентитет, политиката е нешто друго“, вели тој со длабока искреност.
И токму во таа искреност лежи силата на неговата мисија – преку песна и игра да ги избрише линиите што некогаш биле нацртани со болка, и да создаде нов простор каде што Балканот повторно дише како едно.
Приказната на Јорго Капорис не е само за фолклор. Таа е потсетник дека, и кога сме далеку од дома, корените зборуваат најгласно – а најчисто се слушаат токму преку музиката, традицијата и човечката поврзаност.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук
