Од струмички „Глобал“ исфрлени 300 тони изгорен отпад и расипана храна
Изминатиот викенд и во текот на денот исфрлен е триста тони, главно изгорен отпад од продавниците и тезгите, како и расипана храна, по пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, објави ЈПКД „Комуналец”.
Екипите работеле на расчистување во текот на саботата, а продолжуваат и денеска. Поголемиот дел од отпадот е од Градскиот пазар. Околу 60 отсто од вкупниот отпад и опожарен материјал веќе е исчистен.
-Денеска почнавме со расчистување и на остатоците од пожарот од првиот спрат, а претпладнето ги изнесовме остатоците од неопожарениот дел каде претежно имаше зеленчук и овошје, кои се неупотребливи. Работиме според планираната динамика и се надевам дека до средината на идната недела ќе завршиме со чистењето за да може да почне санирањето и изградба на деловите кои беа зафатени од пожарот, рече Бранко Ѓоргиев, директорот на преторијатието.
Големиот пожар во „Глобал“ избувна ноќта на 2 јануари а опожарена беше една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, додека штета претрпе и дел од покривот.
