Од Скопје до врвот на данската хорска сцена: Големиот европски успех на македонската диригентка Елена Митревска
Пишува Ирена Ставрова
Патот до големите европски сцени ретко се гради преку еден пресуден момент. Најчесто зад успехот стојат години работа, храброст да се започне одново, љубопитност и стотици мали чекори што на крајот водат кон голема професионална пресвртница. Токму таква е приказната на македонската диригентка Елена Митревска, која од 1 јануари 2026 година ја презеде функцијата уметничка директорка на хоровите на Данското радио – една од најзначајните и најодговорни хорски позиции во Данска.
За неа, оваа понуда не значела само нов ангажман, туку огромна доверба. Откако претходно имала можност да работи со двата хора како диригент, добро го познавала нивото, амбицијата и традицијата на институцијата. Но моментот кога ѝ било понудено да ја преземе уметничката визија на ансамблите донел сосема нова димензија на одговорноста – грижа за нивниот долгорочен развој, изборот на репертоар, соработката со различни диригенти и создавањето простор за нови музички идеи.
Нејзината љубов кон хорското пеење започнала во Скопје, во хоровите „Пиколо“, „Развигорче“ и Женскиот младински хор. Токму таму го почувствувала значењето на хорската заедница – моментот кога повеќе различни гласови дишат, слушаат и создаваат како едно. Бидејќи во периодот на нејзините студии во Скопје не постоела насока за хорско диригирање, решила да се пресели во Виена и да започне ново музичко поглавје.

Во австриската престолнина студирала оркестарско и хорско диригирање, а како пејачка и асистентка во хорот „Арнолд Шенберг“ соработувала со светски познати имиња како Николаус Харнонкур, Бернард Хајтинк, Клаудио Абадо и Рене Јакобс. Подоцнежните искуства во Шпанија, Шведска и Данска ѝ помогнале стекнатото знаење да го претвори во лидерство, доверба и долгорочна уметничка визија.
Данското радио го опиша како една од ѕвездите во подем на меѓународната хорска сцена, признание што за неа претставува чест, но и обврска. Таа верува дека во музиката не може да се живее од вчерашните успеси, бидејќи секој нов проект започнува од почеток.
Во новата улога сака да ја почитува богатата традиција на ансамблите, но и да отвори простор за современи дела и живи дански композитори. Нејзината порака е јасна: класичната музика не смее само да го чува минатото, туку мора активно да ја создава и иднината.
И покрај речиси две децении поминати надвор од Македонија, Митревска вели дека татковината ја носи во својот карактер, темперамент и начин на комуникација. Нејзината приказна е доказ дека меѓународната кариера не се гради преку еден голем успех, туку преку талент, дисциплина, истрајност и храброст да се следи секоја нова можност.

ЖМ: Почитувана Елена, од 1 јануари 2026 станавате уметничка директорка на хоровите на Данското радио. Кој беше првиот момент кога сфативте дека оваа понуда е навистина голем пресврт во вашата кариера?
- Пред да ми биде понудена оваа позиција, имав чест да работам со двата хора како диригент. Знаев колку е високо нивото и колку е амбициозна куќата со сите свои ансамбли. Во моментот кога ми ја понудија позицијата, сфатив дека не станува збор само за нова работа, туку за огромна доверба. Одеднаш не сте одговорни само за еден концерт, туку за уметничката визија на два ансамбли, за нивниот развој, секојдневен предизвик преку разни диригенти и преку внимателно одбран репертоар.
ЖМ: Како девојка од Скопје стигна до една од најзначајните хорски позиции во Данска – дали некогаш си го замислувавте токму овој пат?
- Не мислам дека имав однапред испланиран пат. Следев една по една можност што ми изгледаше како чекор напред. Работев многу, бев љубопитна и никогаш не се плашев да почнам одново во нова земја, да научам нова култура, нов јазик, нови традиции. Денес, кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека токму сите тие мали чекори ме доведоа до ова место.

ЖМ: Што најмногу ве обликуваше како музичарка – образованието во Скопје, годините во Виена или професионалното искуство во Шпанија и Шведска?
- Љубовта кон хорското пеење и хорската заедница е започната во Скопје. Да се биде дел од хор е да се биде дел од група каде развивате пријателства, дишите заедно, музицирате заедно. Првата љубов ми е хорот Пиколо, а потоа Развигорче и Женскиот Младински хор. За жал, хорско диригирање не постоеше додека студирав во Скопје, па решив да се преселам во Виена каде почнав со вторите студии. Оркестарско и хорско диригирање. Виена ме оформи како музичар. Како студент пеев и асистирав во хорот Арнолд Шенберг каде соработував со најдобрите…Николаус Харнонкур, Бернард Хајтинк, Клаудио Абадо, Рене Јакобс. Скандинавија ме научи како тоа знаење да го претворам во лидерство и долгорочна уметничка визија.
ЖМ: Данското радио ве нарече една од ѕвездите во подем на меѓународната хорска сцена. Како вие го доживувате тоа признание?
- Тоа е голема чест, но и голема одговорност. Таквите признанија се убави затоа што покажуваат дека некој ја препознал вашата работа, но на крајот секој нов проект почнува од нула. Во музиката не можете да живеете од вчерашните успеси.
ЖМ: Што значи да се водат ансамбли со толку силна традиција и меѓународен углед, а истовремено да се внесе личен печат и нова визија?
- Не мислам дека личниот печат се создава со рушење на традицијата. Напротив, прво треба длабоко да ја разберете и почитувате традицијата што сте ја наследиле. Дури потоа можете постепено да внесете нови идеи, нов репертоар и нови перспективи. Најдобрите ансамбли постојано се развиваат, без да го изгубат својот идентитет.

ЖМ: Рековте дека сакате да го проширите репертоарот со живи дански композитори. Колку е важно класичната музика да не остане само во минатото, туку да зборува и со јазикот на денешното време?
- Професионалните хорови не треба само да ја чуваат традицијата, туку и да ја создаваат иднината преку нови звуци. Ако сакаме класичната музика да остане жива, таа мора постојано да добива нови дела. Денес има извонредна генерација млади талентирани композитори кои пишуваат за хор. Веќе сум во преговори со нарачки за нови дела од реномирани дански композитори, со чија музика ќе биде одбележан 20тиот роденден на Вокалниот Ансамбл.
ЖМ: Во хорското диригирање работите со најчувствителниот инструмент – човечкиот глас. Што е најтешко, а што најубаво во работата со хор?
- Најтешко е да се усогласат дваесетина различни личности во еден заеднички музички израз. Најубаво е токму моментот кога тоа ќе се случи. Кога сите почнуваат да дишат како едно, да се слушаат едни со други и да создадат звук што никој од нив не би можел да го создаде сам. Секој хор (оперски, радио, камерен..) има свои предизвици, силни и слаби страни. Нашата задача е да наоѓаме нови начини да ги мотивираме на секоја проба и секој нов проект.
Целосното интервју на Женски магазин....