Од ситници губиме битки како голема нација: Албанскиот премиер во агресивна кампања за пописот во Македонија
Неколку денови откако на бел лист хартија ја напиша електронската адреса на која македонската дијаспора може да се самопопише кога во својот кабинет го пречека македонскиот прв вицепремиер Артан Груби, сега албанскиот премиер Еди Рама од истиот тој кабинет со видеобраќање детално објаснува како Албанците од Македонија ширум светот можат да се регистрираат на овој попис.
Тој наведува дека им се потребни само пет минути за да се попишат, бидејќи со тоа „ќе се процени и уставната моќ на Албанците“.
„Браќа и сестри Албанци, денес треба да бидете горди на тоа колку напредувате во правата во пријателската земја. Доброто нема крај, но доволно е да погледнеме наназад пред само неколку години, за да видиме какви чекори презедовме за афирмација на правата во таа република, наведува Рама.
Тој ги советува Албанците да седнат пред компјутер или телефон да ја отворат апликацијата и гордо да го напишат нивното име, на нивниот татко и мајка, кои ги родиле Албанци.
„Пријатели, ние Албанците имаме голем дефект, не ја цениме големата тежина на еден синџир ситници. Како последица на тоа секојдневно ги губиме тие битки како една голема нација. Така плаќајќи големи сметки во ваквите битки. Утре цената на оваа загуба ќе биде поголема. Пред да јадете вечера денес, седнете и извршете ја домашната задача. Ви посакувам се најдобро во вашето семејство и Бог да ги благослови Албанците, порачува Рама во видео пораката.
