Од синоќа снег на повисоките места во Македонија
На планините и на некои повисоки места од вчера се формира снежна покривка. По Нижеполе во Битола, првиот снег синоќа беше забележан и на „Стража“.
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје извести дека се следи состојбата на сите патни правци и планински превои низ државата.
Се очекуваат ниски температури и врнежи од снег на одредени делници и се апелира до сите учесници во сообраќајот да носат и користат зимска опрема и да ја прилагодат брзината согласно условите на патот.
Слаб снег на некои места ќе провејува од денес во утринските часови, но во текот на денот, како и утре, ќе има преодно стабилизирање на времето. Нов влажен бран со локални врнежи од дожд, а на планините на запад од снег, се очекува во среда и четврток.
Утринските температури ќе се движат од минус 5 до 3 степени, а дневните од 1 до 10 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
