Од СДСМ ѕвонеле кај ВМРО-ДПМНЕ, таму никој не се јавил
Работната група на владеачката СДСМ вчера се обидела да исконтактира со претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во обид да продолжат преговорите за обезбедување на двотретинско мнозинство за уставните измени, но од таму не добиле повратен одговор, неофицијално потврдуваат владини извори.
Работната група составена од секретарот на СДСМ, Миле Зечевиќ, поранешниот секретар и актуелен министер за земјоделство Љупчо Николовски, видепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на владеачката партија, Јован Митрески, во текот на вчерашниот ден се обиделе да воспостават комуникација, но не добиле повратен фидбек.
Централниот одбор на СДСМ пред четири дена донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни партии за, како што рекоа од таму, операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени.
Сепак, помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, како што се дознава, владее консензус дека не треба да се избрзува со наметнување на притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и дека во наредниот период треба да и се остави време за размислување на опозициската партија по лидерската средба оред една недела помеѓу нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски.
Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како што најави претседателот на оваа партија, е подготвено да гласа за уставните амандмани, но со одложено дејство, односно да стапат во сила кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка на ЕУ.
Владини извори брифираат дека овој услов, таков како што е, е неприфатлив за владеачкото мнозинство затоа што, како што објаснуваат, според условите од утврдената преговарачка рамка, тие измени треба да бидат комплетирани до отворањето на втората меѓувладина конференција. Доколку се прифати тоа што го бара Мицкоски, тоа би значело излегување од процесот на евроинтегрирање.
Следниот план на власта, како што велат од таму, е да се разговара со секој пратеник на ВМРО-ДПМНЕ одделно и оваа партија да добие понуда да вклучи свои експерти и познавачи во процесот на преговори со ЕУ.
А.К.
