Од протестот за одбрана на името му порачаа на Нимиц - Твојата мисија е јалова
Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име, од кое уште се плашат како од чума, порачаа учесниците на протестот вечерва за одбрана на името.
Протестот е во организација на македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија. Тие порачаа дека ова е последно предупредување пред организирање граѓанска непослушност поради притворањето на обвинетите за настаните од 27 април.
„Господине Метју Нимиц, ти благодариме доволно. Тенкју и веќе претенкју. Ти порачуваме, твојата мисија е јалова. Мисијата твоја и на твоите ментори е неуспешна и ќе остане јалова, затоа послушај го гласот на непокорниот Македонец и врати се во седиштето на ОН и кажи им го тоа на твоите ментори. Кажи им дека дојде часот да кажат збогум ФИРОМ и добре дојде за Република Македонија“- изјави Димче Донески.
Велат дека поддршката од 32 илјади граѓани им го одзеде правото на политичарите да решаваат за промена на името за идентитетот и за воведување на двојазичноста. Досега, според нив, 17.500 лица ја потпишале петицијата за неменување на името Македонија.
