Од притвор за мито до директор на Клиника за уво, нос и грло
Со одлука на министерството за здравство како нов директор на државната клиника за уво, нос и грло назначен е докторото Јане Нетковски во јавноста најмногу познат по случајот на земање мито од пациент за извршување на операција. Тој кон крајот на 2013 по претходна акција на МВР и обвинителството од пациент земал обележани 450 евра, по што следеше негово приведување и притворање.

Бараните парични средства во два наврати во текот на декември од страна на пациентката ѝ се дадени на специјалистката Н.П., а биле наменети за д-р Ј.Н. кој требало да ги изврши хируршките интервенции.
Осомничените се приведени во полициската станица „Карпош“ и по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за лицата Ј.Н. и Н.П. поради постоење основано сомнение дека извршиле кривично дело примање поткуп, стоеше во објавата на МВР за случајот пред три години.

Нетковски не е единствен меѓу новите директори кој бил осомничен за примање поткуп бидејќи низ сличен случај помина и докторот Докиќ кој сега ќе биде надлежен за пулмологија.
Доктор Јане Нетковски инаку е дел од Катедрата за оториноларингологија и професор е на Медицинскиот факултет во Скопје.