ОД ПОНЕДЕЛНИК: Дожд, но и снег на планините
Промена на времето се очекува од понеделник.
Под влијание на влажен и студен воздушен бран во новата работна недела ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, повремено пообилни.
Како што информира Управата за хидро-метеоролошки работи, дневната температура значително ќе се намали, особено во вторник, кога ќе изнесува до 15 степени.
Од ноќта кон вторник ќе почне да дува повремено засилен северен ветер, врнежите ќе продолжат и во текот на следниот ден, а на југоисток ќе има услови за локална појава на грмежи.
На повисоките планини на север се очекува врнежите да поминуваат во снег. Во ноќта среда кон четврток врнежите ќе се преместат на југоисток и ќе престануваат.
Вкупните врнежи од овој влажен и студен воздушен бран наместа ќе надминуваат 40 литри на метар квадратен, а брзината на северниот ветер, кој особено ќе засилува во вторник, повремено ќе биде и над 60 километри на час.
