ОД ПОЛНОЌ ПОЧНУВА МОЛКОТ: Граѓаните да го почитуваат
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, денеска апелираше до сите учесници во изборниот процес и до медиумите да го почитуваат изборниот молк кој започнува вечерва на полноќ, во пресрет на вториот круг од локалните избори. Тој ги охрабри граѓаните да излезат на гласање.
„Ги повикуваме сите учесници во изборниот процес да го почитуваат изборниот молк, кој започнува по полноќ, како и сите изборни правила во текот на утрешниот ден кога гласаат болните и изнемоштените лица во своите домови, затворениците и старите лица во домовите за стари лица. Апелираме сите граѓани слободно и одговорно да го остварат своето право на глас. Гласањето е лично и тајно, согласно процедурите на ДИК“, изјави Кондарко.
Во недела, на 2 ноември, Комисијата ќе објавува информации на секои два часа за отворањето на гласачките места и излезноста на гласачите. Прес-конференција со податоци за излезноста ќе се одржи по 19 часот, а првичните неофицијални резултати ќе почнат да пристигнуваат веднаш по потпишувањето на записниците. Очекувањата се дека завршната прес-конференција ќе се одржи околу 23 часот, кога ќе бидат објавени сите поединечни резултати.
Првичните официјални резултати од гласањето ќе бидат објавени в понеделник попладне, кога ќе започне и рокот за евентуални приговори.
фото принтскрин
