„Од почетокот на годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра“: Николовски објави дека бележат раст во сите сектори
Првиот човек на Царинската управа објави дека оваа инситуција успеала повторно да ги зголеми приходите кои ги наплатила изминативе 11 месеци, споредено со истиот период минатата година.
- Кумулативно, заклучно со 30 ноември, годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од лани истиот период, што претставува раст од 4,7 отсто. Раст е забележан по сите основи: приходите од наплата на царина со раст од + 15,1 проценти, ДДВ при увоз + 3,2 отсто, ДМВ + 10,9 проценти и акциза + 4,6 отсто - истакна Бобан Николовски, директор на Царинска управа во телевизиско гостување.
Тој воедно укажа дека нивните анализа покажуваат раст на наплатата на приходи од тутун и тутунски производи, при што годинава по овој основ се наплатени 15,3 милијарди денари, раст од 10 отсто во однос на минатата година.
- Една од клучните обврски, нотирани и со извештајот на ЕК на што сме во целост посветени е борбата со царински измами и спречување обиди за шверц на тутун и тутунски производи - нагласува Николовски.
