ОД ПЕНЗИЈА ОТИДЕ ВО ПРИТВОР: Почина oсомничен полициски службеник за пожарот во „Пулс“
Почина oсомничен полициски службеник за пожарот во „Пулс“ во Кочани, кој во 2012 година дал согласност за паркинг.
Главниот инспектор за сообраќај во Кочани, Владо Петров, првоосомничен во случајот „Пулс“ за наводни неправилности при увид на лице место при издавање на дозвола за паркинг, синоќа почина.
„Денес за жал трагедијата од Кочани ја зема својата 63-та жртва, за која најверојатно никој нема да зборува и да сноси одговорност. Владо Петров беше колегата кој од пензија беше испратен во притвор затоа што додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал некаков документ за паркинг просторот пред дискотеката. Владо за жал не го издржа притисокот за кој ние вчера зборувавме и не успеа да види ништо од пензијата. Почивај во мир голем човеку. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни“, напиша на Фејсбук – Мартин Ефремов, претседател на Независен полициски синдикат.

На 16 март годинава во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 луѓе, а повредени беа околу 200.
