Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од Непал до Прилеп поради љубов: Манџу Таманг е македонска снаа која е вљубена во Македонија

Од Непал до Прилеп поради љубов: Манџу Таманг е македонска снаа која е вљубена во Македонија

Ова е приказна која е доказ дека љубовта победува сѐ. Љубов која не знае за препреки, изброени километри, непознат јазик, култура која им е далечна на Македонците... Протагонист во оваа љубовна авантура е младата Непалка, Манџу Таманг, која пред 3 години на работа во Хрватска го запознала својот животен сопатник од Македонија, со кој сега се во брак, повеќе од една година.

Манџу во моментов живее и работи во Прилеп и со многу љубов и среќа ја сподели нејзината животна приказна за Женски Магазин. Зборуваваме за разликите во државите, работите што ги обожава за Македонија и културните шокови.

Таманг е вљубена во Македонија, а едно богатство во македонската природа ја потсетува на нејзината родна земја – Непал.

-Она што најмногу го сакам во Македонија се луѓето, културата и прекрасната природа. Доаѓам од Непал, земја позната по своите планини, па затоа чувствувам голема поврзаност и со природните пејзажи овде. Планините и природата во Македонија ме потсетуваат на домот и ми даваат чувство на удобност и спокој – раскажува таа.

Македонската снаа, во нејзиното интервју, ни раскажа колку е воодушевена од луѓето во Македонија, особено од нивното пријателско расположение и фактот што се толку гостопримливи.

-Една од работите што најмногу ме воодушеви е колку луѓето се пријателски расположени и гостопримливи. Откако се преселив овде, запознав многу добри луѓе кои ми помогнаа да се чувствувам прифатено. Исто така, уживам да учам за македонската култура, традициите и секојдневниот живот. Овие искуства го направија мојот престој во Македонија многу посебен и незаборавен –додаде Непалката.

Интересен е фактот што Манџу, пред да се запознае со нејзиниот сопруг кој е Македонец, не слушнала за неговата татковина. Врската со него, отворила сосема нов прозорец во нејзиниот живот.

-Пред да дојдам во Македонија, не знаев многу за земјата. Во 2021 година отпатував во Хрватска, каде што го запознав мојот сопруг. Кога почнавме да се запознаваме, тој ми кажа дека е од Македонија. Тоа беше првпат да дознаам нешто повеќе за земјата. Преку него се заинтересирав за македонската култура, традициите и начинот на живот. Подоцна се преселив во Македонија, која денес е важен дел од мојот живот.

Во Македонија живеам околу една и пол година. Еден од најголемите предизвици за мене беше учењето на македонскиот јазик. Бидејќи претходно живеев во Хрватска и знаев малку хрватски, забележав дека меѓу двата јазика има сличности, што ми помогна полесно да разберам одредени зборови и изрази.

Сепак, изговорот и акцентот во македонскиот јазик беа доста различни и ми беше потребно време да се навикнам. На почетокот беше тешко, но со секојдневни вежби и комуникација со локалците, постепено напредував. Денес можам да водам основни секојдневни разговори на македонски и продолжувам да учам сè повеќе од ден на ден – вели Таманг.

Ја прашавме Манџу малку повеќе за нејзината љубовна приказна, а таа ни раскажа како се запознала со нејзиниот сопруг:

-Мојот сопруг е Македонец, а се запознавме додека двајцата работевме во Хрватска. Работевме на различни места, но живеевме во истата област и постепено почнавме да се запознаваме. Како што поминувавме повеќе време заедно, се вљубивме.

Заедно сме речиси три години, а во брак сме околу една и пол година. Средбата со мојот сопруг го промени мојот живот на многу позитивни начини. Преку него ја запознав Македонија, нејзината култура, традициите и прекрасните луѓе.

Многу сум среќна и благодарна што го пронајдов својот животен партнер. Преселбата во Македонија и градењето заеднички живот беа прекрасно патување, а со возбуда гледам кон нашата иднина.

Преселбата во Македонија за Манџу бил голем чекор во нејзиниот живот, а тоа значело средба со големи културни разлики. Таа ни раскажа кој биле културните разлики кои лесно ги прифатила, а кои се оние што ја шокирале:

-Една од најголемите културни разлики што ги забележав по преселбата од Непал во Македонија е начинот на кој луѓето им се обраќаат на постарите и на роднините. Во Непал, покажувањето почит кон постарите е многу важно. Обично не им се обраќаме на постарите луѓе по име. Наместо тоа, користиме изрази на почит како брат, сестра, чичко, тетка или други семејни називи, дури и кога луѓето не ни се роднини.

На почетокот тоа ми беше необично, бидејќи пораснав со поинакви обичаи. Ми требаше време да се навикнам, но истовремено ми беше интересно да ги запознавам овие културни разлики.

Иако нашите традиции се различни, многу ја ценам топлината и љубезноста на луѓето овде. Запознавањето со овие разлики ми помогна подобро да ја разберам македонската култура, а во исто време да останам поврзана со своите непалски корени – кажа таа.

Целосиот разговор во продолжение на Женски магазин....

Слично

Поврзани вести