Од Лев Тахор велат дека дошле да посетат еврејски објекти и синагоги
Oд еврејската религиозна група Лев Тахор објаснија дека нема да останат долго во Македонија, откако наидоа на отпор од населението во Куманово, а сега и во охридско.
Тие се сместени во хотел во охридското село Горно Лакочереј и велат дека непотребно се создава омраза против нив. Ги отфрлаат тврдењата за нивните активности во местата каде привремено престојуваат.
„Тука сме туристички за да посетиме некои еврејски објекти, синагоги, да посетиме роднини, гробови на наши предци. Немаме планови да бараме никаков постојан престој, тука сме привремено, имаме дозвола од тримесечен престој, а немаме намера да останеме тука повеќе од еден месец“, рече таа.
Во врска со реакциите на локалното население, таа забележува дека непотребно се создава некаква омраза против нив, им се ускратува нивното право слободно да патуваат, да ги посетат местата за кои се и дојдени тука.
„Трошиме средства, бараме место каде да се сместиме, без да ни се даде можност да се фокусираме на она за што сме тука. На овој начин нема да можеме да посетиме ниту едно место заради кое впрочем сме дојдени тука“, додава припадничка на оваа група.
Петар Богојески од Македонски концепт им понуди на припадниците на еврјската група Лев Тахор да се сместат на неговиот имот во Крушево.
„Оваа група Евреи, јавно ги поканувам да се сместат на мој имот во Крушево, да најдат мир и достоинство, да презимат… да бидат згрижени додека тоа им е потребно од Македонија! Немам комуникација со Еврејската заедница во Македонија, но слободно можете да ме контактирате, за да Ви помогнам! Бог е голем, а ние смртните може само да помогнеме, вели Богојески.
