Од Кочани до Лондон: Симона (25) од нула изгради живот во туѓина – води семејна пекарница, паралелно студира , глуми, модел е и работи со недвижнини
Девојка полна со живот, хумор, желба за успех и истражување на самата себeси. Со овие неколку зборови би ја опишале кочанчанката Симона Лазарова (25) која живее во Лондон. За нејзините потенцијали Македонија била држава со ограничени можности и таа својот лондонски живот го живее во полн ек.
Можеби ви е позната по хумористичните видеа од ТикТок, или пак по тоа како влогува на социјалните мрежи за нејзината работа од македонската пекарница во Лондон „Coffee Bakery Balkan Lux“.
Во нејзиното интервју за Женски Магазин ќе имате шанса да ја запознаете одблизу девојката која е успешна во неколку сфери во животот – актерство, моделство, недвижнини, пекарство, маркетинг и социјални мрежи. И сето ова додека студира.

ЖМ: Зошто се пресели во Лондон?
-Одлуката да се преселам во Лондон беше пред сè водена од мојата желба за личен и професионален развој. Отсекогаш сум била личност која сака да пробува различни професии, да создава и да се предизвикува себеси во повеќе области.
Чувствував дека мојот град, а и нашата држава, беа малку тесни за соништата и амбициите што ги имав. Секако и татко ми долго време живееше во Лондон. Кога се преселив тука пред 3 години, моето прво работно искуство беше во турски ресторан, каде што покрај работата, имав можност целосно да го научам турскиот јазик.
Токму тоа искуство ми отвори нови врати и ми помогна денес да работам како презентер и консултант во областа на недвижности за турска агенција во Лондон.
Сакав да си дадам можност да се пронајдам во различни професии и животни искуства — од водење сопствен бизнис,универзитет, моделство и актерство, па сè до презентирање и работа поврзана со недвижности.
Денес активно работам на проекти поврзани со презентација и промоција на недвижности во Лондон,актерство, моделство, својот бизнис и одам на универзитет.
Лондон ми даде простор да растам, да се изразам и да верувам дека не мора да се ограничиме само на една улога во животот.

-Иако Лондон ми донесе многу можности и ми помогна да пораснам како личност, морам да признаам дека понекогаш најтешко ми паѓа времето. Кога човек има многу обврски, постојан притисок и секојдневно е фокусиран на работа и напредок, сивите и дождливи денови знаат дополнително да влијаат на расположението.
Има моменти кога се чувствувам уморно или емотивно исцрпено, особено далеку од семејството и местото каде што сум пораснала. Но токму тие моменти ме научија да бидам посилна, поупорна и повеќе да ги ценам малите убави работи во животот.
Верувам дека секој што заминал далеку од дома за да ги следи своите соништа, барем еднаш го почувствувал тоа.

-Отсекогаш сум сакала да имам сопствен бизнис и да почувствувам што значи да создаваш нешто свое од почеток. Имав желба да се предизвикам себеси и да видам како изгледа животот зад еден бизнис — со сите убави, но и тешки моменти што ги носи.
Денес знам дека сопствениот бизнис бара огромна посветеност, многу работа, дисциплина и постојан фокус. Понекогаш знае да биде тешко да се балансира сè, особено затоа што паралелно се посветувам и на актерство, моделство и други проекти на кои активно работам.
Во овој бизнис не сум сама — работам заедно со татко ми, кој е професионален пекар со повеќе од 33 години искуство. Заедно дојдовме до идејата да отвориме пекарница во Лондон и да донесеме нешто поразлично во нашата околина.
Во тој дел од градот немаше место што нуди традиционални балкански производи и бурек на начин на кој ние го подготвуваме, па сакавме да им ја доближиме нашата традиција и вкусови и на луѓето тука.
Иако влеговме во целиот процес со голем ризик и многу неизвесност, а почетоците беа навистина тешки, денес сме среќни што гледаме дека трудот се исплател и дека пекарницата е одлично прифатена.