Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ОД ИЗБОРИТЕ ВО ЧАИР ЗАВИСИ ИДНИНАТА“: Османи вели дека нуди промена по дваесет години

„ОД ИЗБОРИТЕ ВО ЧАИР ЗАВИСИ ИДНИНАТА“: Османи вели дека нуди промена по дваесет години

Исходот од изборите во Чаир ќе ја одреди не само иднината на општината, туку и положбата на Албанците во Македонија за наредните децении, рече кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.

„Овие избори ќе ја одредат иднината на нашата општина, но и на сите Албанци во следните десет, па и дваесет години. Прво, дали конечно Чаир ќе почне да се менува. Дали ќе ставиме крај на дваесет години назадување, уништување и корупција вo нашата општина и ќе тргнеме напред со нова енергија, без корупција, со работа и посветеност. И второ, дали Албанците конечно ќе бидат еднакво и праведно претставени, или ќе останат вазали во Влада која не ги почитува нивните права. Дали Албанскиот глас ќе се слуша како рамноправна заедница, како државотворен народ или ќе продолжат понижувањата”, порача Османи.

Според него, граѓаните се пред опција - каков Чаир сакаат и каква ќе биде позицијата на Албанците и нивното претставување во државата. Османи ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и јасно да кажат дека сакаат промени.

„Секој глас е важен. Ова е моментот да кажете доста е. Да кажете по дваесет години, време е за промена. Не само да се сменат луѓето туку да се смени начинот на владеење, а тоа е чесно, посветено, отворено и заедно со граѓаните. Но тоа ќе биде можно само ако сите масовно излеземе и гласаме”, рече Османи.

Тој истакна дека неговата кампања ќе остане фер и позитивна, но со јасна цел, а тоа е промена во Чаир и враќање на достоинството на Албанците.

„Моја обврска е оваа кампања да остане фер, позитивна и насочена кон решенијата за проблемите на граѓаните. Нашите граѓани не бараат политички театар, ниту навреди и напади. Бараат промени, резултати и надеж. Тоа ќе биде мојот единствен фокус во следните дваесет дена”, изјави Османи.


Слично

Поврзани вести