Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од ЕУ-роаминг до папаја за министри: Макрадули со жесток напад врз Владата

Од ЕУ-роаминг до папаја за министри: Макрадули со жесток напад врз Владата

Јани Макрадули, од СДСМ, во објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше работата на Владата, оценувајќи дека таа влегува во својата трета календарска година без исполнети ветувања, со зголемени трошоци за живот и засилена пропаганда наместо резултати.

Макрадули наведува дека актуелниот политички и меѓународен амбиент е загрижувачки, а демократските процеси се под сериозен притисок, со слаб дијалог и ниско ниво на политичка комуникација. Според него, наместо аргументи и факти, доминира пропаганда, додека молкот станува доминантен одговор на институциите.

Тој посочува дека Владата не реализирала дел од најавените политики, меѓу кои и приклучувањето кон ЕУ-роаминг зоната, нагласувајќи дека Украина и Молдавија веќе се дел од овој процес, додека Македонија, како што вели, си наметнува дополнителни услови кои не се побарани од Брисел.

Во објавата, Макрадули наведува и конкретни економски показатели како аргумент за својата критика:

  • раст на животните трошоци од 4,1 отсто,

  • раст на цените на мало од 3,6 отсто,

  • историски промашувања во планирањето на буџетските приходи од околу 10 отсто,

  • значително намалување на странските директни инвестиции,

  • најниска минимална плата во регионот.

Тој дополнително ја критикува Владата за, како што наведува, поскапувањето на електричната енергија и парното греење, непочитувањето на работничките права и колективните договори, доцнењето на повратот на ДДВ кон граѓаните, како и за злоупотреба на ИПАРД-средствата, со што, според него, е загрозено финансирањето на земјоделството.

Во контекст на симболични и, според него, несоодветни потези, Макрадули ги споменува и осветувањето на полициски возила и други потези кои, како што вели, не можат да ги покријат изостанатите системски резултати.

„Нема потреба од навреди кога фактите се јасни и бројките зборуваат сами за себе. Демократијата нема алтернатива и мора да се брани со аргументи и одговорност“, порачува Макрадули во својата објава.

Тој заклучува дека, доколку државата сака сигурна и одржлива иднина, демократските вредности мора да останат во центарот на политичкото дејствување.

Слично

Поврзани вести