Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОД ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ИМУНИЗАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП: Граѓаните добиваат термин преку vakcinacija.mk и преку матичните лекари

ОД ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ИМУНИЗАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП: Граѓаните добиваат термин преку vakcinacija.mk и преку матичните лекари

Во Македонија од денеска стартува имунизацијата против сезонскиот грип, а преку сајтот на Министерството за здравство, vakcinacija.mk, термини добија околу 30.000 граѓани. Вакцинацијата против сезонската вирусна инфекција е бесплатна за оние кои припаѓаат во некоја од ризичните групи, а тоа се пред на граѓаните кои се постари од 65 години, хроничните болни, здравствени работници, бремени жени, децата на возраст од шест месеци до пет години. За сите останати граѓани, кои не се во некоја од овие категории, има и комерцијални вакцини против грип во центрите за јавно здравје, а цената е 600 денари.

Дел од граѓаните со кои поразговара Фактор велат дека уште во првиот момент кога здравствените власти објавија дека може да се регистрираат на сајтот, го сториле тоа и денеска имаат обезбедено термин за вакцинација.

Останатите, кои не може да се пријават електронски, термин за вакцинација може да побараат преку нивните матични лекари, како што тоа гао правеа во изминатите кодини.

-Минатата недела се пријавив. Денеска ќе ме вакцинираат во поликлиниката Идадија. Јас редовно, секоја година се вакцинирам против грип бидејќи имам дијабетес, и да бидам искрена пред повеќе години, кога се заразив со грипот, навистина многу тешко го поминав. Потоа почанв редовно се вакцинирам и тоа токму во овој период и навистина, долго време ме нема фатено сезонската инфекција. Се вакцинирав и против ковид, и се надевам дека ќе останам во добро здравје и оваа година, поготово во овие есенски и зимски месеци кога вирусите најмногу напаѓаат, вели нашата соговорничка.

Инаку, државата набави 40.000 вакцини против сезонскиот грип, исто како и минатата година. Лани сите вакцин и беа потрошени. Целосно се потрошија и набавените за комерцијална употреба во центрите за јавно здравје. Бесплатните вакцини ќе се аплицираат во три скопски поликлиники и тоа со полно работно време, од 8 до 19 часот во Идадија и Бит Пазар, а во поликлиниката Ѓорче Петров само во втората смена од 13 до 19 часот, бидејќи во првата смена се врши имунизацијата. Здравствените власти сметаат дека имунизацијата против грипот се спроведува навреме, бидејќи сезонската инфекција, како што покажуваат епидемиолошките анализи од изминатите години, пикот го има некаде во февруари, па сите што ја примиле вакцината имаат силен имунитет токму после два-три месеци по аплицирањето.

Ова за Фактор го потврди пред неколку дена и директорот на Здравствен дом-Скопје, д-р Виктор Исјановски кој рече дека има сосема доволен период граѓаните кои ќе се вакцинираат во ноември и декември да создадат имунитет против сезонскиот грип кога тој е најактивен, а тоа е во февруари.

-Тогаш всушност има најголем број разболени од грип. Ланската година немаше случаи на сезонската инфекција, но на сила беа рестриктивните мерки, седевме дома повеќе. Ќе видиме како ќе биде оваа година, рече д-р Исјановски.

Истовремено, епидемиолозите сметаат дека вакцините против грип се сосема безбедни и дека истовремено може да се примаат и оние против ковид.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести