Од денеска „нормална“ настава во македонските училишта
Заврши вчерашниот предупредувачки штрајк на просветните работници во Македонија за поголемо зголемување на платите од тековното од 5 отсто и од денеска наставата ќе се одвива нормално. Ако не се исполнат синдикалните барања, штрајкот ќе се активира како генерален, предупредуваат од СОНК.
Дел од учениците во земјата наместо во училниците, првиот ден од новата учебна година го поминаа пред затворените школски врати. Голем број основни и средни училишта, поради штрајкот на наставничкиот кадар за поголеми плати, вчера не одржуваа настава. Во други училишта пак се примаа учениците, но немаше настава, додека пак во некои денот помина според планираното.
Додека родителите забележуваат зошто се чекало до последен момент – пред стартот на учебната година за решавање на барањата на Самостојниот синдикат за образование, министерството за образование уверува дека до крајот на месецот ќе се најде решение со синдикатот кој очекува покачување на платите од 25 отсто.
„Размислуваме сериозно - кажавме и јавно ветивме дека продолжуваме со нашите напори за подобрување на статусот на сите вработени во образованието. До сега стигнавме до 10,8 отсто и ќе продолжиме и понатаму“, вели Арбер Адеми, министер за образование.
Во СОНК се задоволни од вчерашниот штрајк, кој според нив, поминал без притисоци и достоинствено.
„Очекуваме до крајот на септември да се договориме со Владата за процентот на зголемување на платата. Ако тоа не се случи, ќе расправаме на ниво на СОНК што ќе преземеме“, искоментира Јаким Неделков, претседател на СОНК.
