Од бегалецот Грујевски ни трага ни глас-може да му се суди во отсуство ако бара СЈО
Повеќе од два месеци екс началникот на Петтата управа, Горан Грујевски е во бегство а за денес е закажано рочиште за случајот „Тврдина 2“.
Во овој случај на Грујевски му се суди за фалсификување на документи со кои го сокрил уништувањето на системите за прислушување.
Заедно со Грујевски се осомничени уште шест лица кои исто така кажаа дека не се чуствуваат виновни.
МВР има сознанија за локациите каде би можел да се крие екс началникот. Ова го рече вчера министерот за внатрешни работи кој рече дека тоа не се податоци кои можат да ги споделат со јавноста.
Во бегство и Никола Бошковски
Од 18 јули на органите на прогонот не му е достапен ниту колегата на Грујевски Никола Бошковски.
Дали може да им се суди во случај на отсуство?
Судијката Лидија Петровска може да го осуди во отсуство обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски кој е во бегство, потврдила таа неодамна за дел од медиумите преку в.д. претседателот Стојанче Рибарев, но појаснува дека тоа не зависи од неа, туку од обвинителот од Специјалното јавно обвинителство.
На прашање дали на следното рочиште на 26 септември, Петровска може да донесе решение за да му се суди на Грујевски во отсуство, таа се повикува на Законот за кривична постапка и вели:
„За да постапува судот во конкретен предмет, мора да има писмено известување дали обвинетиот е достапен на органите на прогон или не. Ако лицето не е достапно, согласно член 365 став 3 од ЗКП, на обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или е недостапен на државните органи, а притоа постојат особено важни причини за да му се суди во отсуство. Решение за да му се суди во отсуство носи судот на предлог на овластениот тужител“.
Ова значи дека ако СЈО не побара судењето да продолжи во отсуство на избеганиот Грујевски, тоа ќе се одложи поради отсуство на главниот обвинет и ќе се презакаже.
