Од 14.077.867 странски државјани во Германија, 161.044 се Македонци
Во Германија живеат 161.044 македонски државјани, со што Македонија се наоѓа на 22. место на листата на земји по број на странци во најголемата европска економија.
Според податоците од Централен регистар на странци (AZR), заклучно со 30 ноември 2025 година, во Германија живеат вкупно 14.077.867 странски државјани, што претставува околу 16,8 проценти од вкупното население од околу 83,6 милиони жители.
Најбројна странска заедница и понатаму се турските државјани, со 1,52 милиони лица, покажуваат податоците од AZR. Веднаш зад нив се Украинците, со повеќе од 1,4 милиони регистрирани жители, а поради континуираниот прилив по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, постои можност тие наскоро да станат најголемата странска заедница во земјата.
За споредба, според официјалните податоци на Федералниот завод за статистика на Германија (Destatis), на крајот од 2020 година во Германија живееле околу 135.000 украински државјани.
Меѓу најбројните странски заедници во Германија се и државјаните на Романија, Полска, Бугарија и Хрватска, при што Хрватска се наоѓа на деветтото место со 414.555 жители, според податоците од AZR. Македонија, со нешто над 161 илјада државјани, е позиционирана во средината на листата.
Податоците за вкупниот број лица со миграциско потекло се уште повисоки. Според микропописот од 2024 година, објавен од Destatis, околу 25,2 милиони луѓе, односно повеќе од 30 проценти од населението во Германија, имаат миграциско потекло. Во оваа група спаѓаат и натурализирани странци, деца родени во Германија од родители странци, како и т.н. доцни имигранти од Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз.
Истата статистика на AZR наведува дека од вкупниот број странци, околу 230.000 лица се обврзани да ја напуштат земјата. Од нив, 190.360 имаат статус „Duldung“ (привремен престој), додека околу 40.000 лица престојуваат без регулиран статус и треба веднаш да ја напуштат Германија.
Најмногу лица кои се должни да ја напуштат земјата доаѓаат од Турција – речиси 23.900 граѓани, а следуваат Авганистан и Сирија, со вкупно над 22.100 лица, од кои најголемиот дел имаат привремен престој.
Податоците ги објавуваат Централниот регистар на странци (AZR) и Федералниот завод за статистика на Германија (Destatis), а дел од анализата е пренесена и од германскиот неделник FOCUS.
