Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОД 0,5 ДО 1,2 ОТСТО-ВО ЕВРОПА НИЗОК ПРОЦЕНТОТ НА ПОЧИНАТИ ОД КОВИД КОИ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИ: Зошто во Македонија висока смртност и меѓу вакцинираните?

ОД 0,5 ДО 1,2 ОТСТО-ВО ЕВРОПА НИЗОК ПРОЦЕНТОТ НА ПОЧИНАТИ ОД КОВИД КОИ БИЛЕ ВАКЦИНИРАНИ: Зошто во Македонија висока смртност и меѓу вакцинираните?

Зошто некои држави имаат посмртоносни бранови на корона вирусот и покрај тоа што се аплицираат исти вакцини е едно од најпоставуваните прашања во јавноста на кое научниците се обидуваат да дадат одговор. Повеќето развиени држави, како што наведува во последната анализа на Блумберг, сега имаат висок процент на вакцинирано население, но се поставува прашањето зошто најновите епидемии на Ковид-19 се посмртоносни на некои места за разлика од други.

Сосема е јасно, според повеќето научни студии, дека вакцините против ковид не се 100 процентни ефикасни, но истражувањата покажуваат дека дефинитивно штитат против тешка форма на болеста и од смртен исход. Последната студијата на Блумберг покажува дека големиот опфат на имунизација против корона вирусот доведе до пад на смртноста, особено сега за време на делта варијантата, во споредба со претходните бранови, но само некои земји забележаа пад на смртноста во поголем степен од другите. Тоа се Германија, Данска и Обединетото Кралство, за разлика од Израел, Грција и САД, каде смртноста опадна, но е за 50 проценти поголема од изминатите пикови кога доминираа другите соеви, а не делта.

Научниците велат дека влијанието на вакцините варира. Посочуваат дека голем број земји - претежно економии во развој со помалку спремни здравствени системи - се потпираат на кинески или руски вакцини, за кои, како што тврдат, се покажаа како помалку ефикасни од mRNA вакцините што се користат во САД и низ Европа. Тие држави доживеаја пораст и на заразени и на смртни случаи од јули наваму кога делтата почна да прави хаос на глобално ниво.

Едно е јасно, вели анализата на Блумберг: не е само типот на вакцини, ниту степенот на вакцинација што се важни за намалување на бројот на починати. Има многу фактори надвор од вакцинацијата што придонесуваат за различни резултати на различни места. Дури и на места со висок опфат на вакцинација, делта варијантата може да предизвика скок во случаите. Но, она што е најважно нема оптоварување на здравствениот систем.  

Европа бележи ниска стапка на смртност од ковид-компликации меѓу вакцинираните лица

Според податоците на Канцеларијата за национална статистија на Англија, кои се однесуваат за периодот од јануари до јули годинава, целосно вакцинираните луѓе имаат многу помала веројатност да умрат со компликации на ковид-19 отколку оние кои не се вакцинирани или примиле само една доза.

Од 51.281 смртни случаи на ковид во Англија помеѓу јануари и јули 2021 година, само 256 се пациенти кои биле целосно вакцинирани, и како што посочуваат тоа биле главно луѓе со многу голем број коморбидитети. Тоа, како што покажуваат податоците на ОНС е само 0,5 проценти од смртните случаи во првите шест месеци од годината.

„Пробивни“ смртни случаи - се случуваат најмалку две недели по втората доза, при што пациентите токму тогаш го имаат првиот позитивен ПЦР тест. Тоа се најранливите групи, оние со ослабен имунолошки систем, со просечна возраст од 84 години.

Данска не забележала нов нов бран новозаразени случаи или смртни случаи откако започна вакцинацијата на почетокот на оваа година, и земјата ги укина сите домашни антиковид мерки. Официјалните лица велат дека фокусот на вакцинирање на постарите лица главно придонел за што помал број починати. Просечниот седумдневен пик на починати, кој и пред вакцинацијата не надмина 36 смртни случаи, сега со големиот опфат на вакцинација се намали дури за 9 проценти.

Сосема слична статистика во однос на многу низок процент на смртни случаи на целосно вакцинирани луѓе прикажува и Италија, исто така за период од шест месеци. Националниот здравствен институт на оваа земја информира дека приближно 99 проценти од луѓето кои починаа од корона вирусот во Италија од февруари оваа година, не се целосно вакцинирани. Студијата изработена од Институтот наведува дека од 1 февруари до 21 јули имало 423 смртни случаи од ковид кај вакцинирани лица, што претставува 1,2 проценти од вкупно 35.776 смртни случаи. Истовремено, оттаму посочуваат дека станува збор за значително постари луѓе на просечна возраст од 88,6.

Неодамна и Универзитетот Џонс Хопкинс објави студија која покажува дека во речиси сите сојузни држави во САД стапката на морталитет меѓу вакцинираните лица е под 1 отсто, односно се движи од 0.01 процент во Конектикат, до 0,5 отсто во Арканзас.

Во Македонија за два месеца починале 233 лица кои биле целосно вакцинирани

За разлика од државите во Европа и САД, процентот на починати, а вакцинирани лица кај нас од недела во недела се зголемува. На почетокот, односно од 6 до 19.август, анализата за период од две недели во Македонија покажуваше дека починало 101 лице, 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 9 односно (8%) примиле вакцина. Последната анализа на Министерството за здравство покажува  дека за неполни два и пол месеци, односно во период од 6. август до 14. октомври починале 1382 пациенти со Ковид 19, 1149 пациенти од починатите, односно 83% не биле вакцинирани, а само 17%, односно 233 примиле вакцина.

Високата смртност поради компликации од ковид меѓу вакцинираните лица, здравствените власти засега ја објаснуваат со тоа што посочуваат дека станува збор за луѓе со повеќе коморбидитети, пред се со хронични срцеви заболувања и малигни болести. Подетална анализа се уште нема иако е најавена пред извесно време.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести