Очекувам кампањата да почне уште утре, и да биде долга и валкана
Добрата вест од лидерската средба е единството и
едногласноста за евроинтеграциите. Секако очекувано. А неочекувано добрата вест
е леснотијата со која премиерот Зоран Заев се повлекува и се оди на избори, и
тоа што партиите веднаш се договоријаза датумот на изборите. Очекувам кампањата да биде
продолжена и долга, и да почне уште утре. Да биде валкана, пак да се појават
бомби од некаде. И главно СДСМ да влече брзи популистички потези во економијата
и социјалата, како што се зголемување на минималната плата, нивелација на
платите и слично. Можеби некое апсење. Капитализирање на евентуалната посета и
спектакуларен пречек на францускиот претседател Емануел Макрон (ала Вучиќ), и
некое фино „пакетче“ од него за извинување, како и максимален фокус на
официјалното рамноправно седнување во штабот на НАТО.
ВМРО-ДПМНЕ, ако се суди според изјавата на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, ќе пука против незаслужено богатите политичари, без разлика на етничката боја (очекувам да нема и партиска боја), потекло на имотот, борба против криминалот и корупцијата, и повторување на тешки зборови и жесток наратив, со можна поддршка од странските медиуми на оваа тема. Очекувам и експанзија на фејк њуз, нови портали и медиуми, освен ако во меѓувреме не се договорат за некакви правила, конечно и за некакви медиумски реформи. Не очекувам промена на изборниот модел и отворени листи. За жал, тоа е лошата вест. Но, можно е да се појават новокомпонирани партии, наменски насочени да приберат и да излажат некои апстиненти, резигнирани и разочарани граѓани од големите партии. Очекувам, за жал, а тоа е исто лоша вест, и блокирање на судиите, нивно ненадејно разболување и изземање, стенд бај на актуелните големи процеси, во исчекување на новата власт и новите газди во државата. Посакувам политичарите да си се „тепаат“ меѓу себе, граѓаните да бидат мирни, а изборите да бидат фер и демократски.
п.с. Нели е малку чудно тоа што кај претседателот Стево Пендаровски беа сите партии од албанскиот етнички корпус, а од македонските само двете најголеми. Затоа посакувам, макар и наивно, дека етничките права нема да бидат доминантни кај албанскиот корпус, туку економијата, криминалот и корупцијата.
