Обвинитеството отворило предмет за петте тони канабис од Македонија запленети во Србија
Македонското Обвинителство има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, за којашто српските медиуми првично информираа дека била набавена од македонска територија.
„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, информираа од Обвинителството денес на барање на медиумите.
Оттаму посочуваат дека уште во петокот (30 јануари) биле навремено и целосно информирани за акцијата во Србија и „без одлагање презеле активности во рамки на законските надлежности“.
„Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана“, наведува Обвинителството.
Претходно од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија кратко посочија дека се преземаат „соодветни оперативно технички мерки и активности согласно полициските овластувања“.
Петте тони марихуана беа запленети на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, централна Србија.
Српската полиција ја оцени заплената како најголема во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на седум до десет милиони евра.
Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица.
