ОБВИНИТЕЛСТВОТО ТВРДИ ДЕКА МОТИВОТ ЗА СЕРИСКИТЕ УБИСТВА Е НЕКРОФИЛИЈА: Лапе вели дека вакво нешто немало во македонската и југословенската судска пракса
Почна судењето за сериските убиства во Старо Нагоричане, за кои е обвинет Трајче Бојковски, а јавниот обвинител Љубомир Лапе изјави дека ваков случај не памети судската пракса во Македонија, ни во поранешна Југославија.
Обвинителството тврди дека доминантниот мотив за делата бил некрофилија, што според Лапе го прави предметот без преседан во регионалната судска практика.
Судењето почна во Основниот суд Куманово, каде обвинетиот се изјасни дека не се чувствува виновен. На почетокот на рочиштето тој не одговарал веднаш на прашањата на судот, гледал кон таванот и испуштал неконтролирани звуци, по што била дадена пауза. Подоцна расправата продолжила.
Во воведното излагање, обвинителот Лапе рече дека Обвинителството ќе докажува случај каков што, според него, немало во аналите на југословенската и македонската судска практика. Тој најави дека вината и мотивот ќе се докажуваат преку записници од увидите, ексхумации, обдукциски наоди, ДНК анализи, судско психијатриско вештачење и сведочења на жените што ги преживеале нападите.
Според обвинителниот акт, Бојковски се товари дека ги напаѓал жртвите во нивните домови, најчесто кога биле сами, немоќни, повозрасни или заспани. Обвинителството тврди дека по нивната смрт вршел сексуална злоупотреба на телата, а токму тоа, според Лапе, ќе биде докажувано како доминантен мотив.
Следното рочиште е закажано за 31 август.
фото принтскрин
