Обвинителството со истрага за седум дилери, од вкупно 28 кои ги уапси МВР
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против седум осомничени дилери, откако МВР претходно објави дека вчера и ден претходно биле уапсени вкупно 28. Од Обвинителството дополнително информираат дека е предложен притвор за тројца од нив и мерки за претпазливост за уште тројца.
„Двајца од нив се осомничени за продолжено извршување на кривичното дело, додека еден за помагање. Од декември 2023 година, во координирани активности на повеќе полициски единици, по наредби на јавен обвинител, се преземаа истражни дејствија, кои во текот на вчерашниот ден резултираа со претреси на повеќе локации. Кај осомничените кои се на возраст меѓу 28 и 50 години, беше пронајдена наркотична дрога – кокаин, марихуана, како и пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од улична продажба на дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за три лица, како и предлог за мерки на претпазливост за уште тројца од осомничените“, информира оЈО Скопје.
Вкупно 28 лица беа лишени од слобода во рамки на криминалистичка истрага која се спроведувала уште од декември 2023 по насоки на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО Скопје).
- Акцијата е насочена кон сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Лицата се уапсени на 31 мај и 1 јуни во голема заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, САЕ Тигар и СВР Скопје - Единица за недозволена трговија по преземени низа координирани мерки и активности на подрачјето на Скопје.
