Обвинителството побара притвор за краварите што го малтретираат месното население
Основното јавно обвинителство Крива Паланка поведе постапка против таткото и ќерките за спречување службено лице во вршење службено дејствие, откако им сеспротивставија на полицајците и вработените од Агенција за јрана и ветеринарство во нивниот обид да ги приберат кравите што упаѓаа во туѓи посеви.
„Осомничените, татко и двете негови ќерки, како соизвршители на 2 декември, со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток“,објавија од ОЈО.
Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, до надлежниот суд поднел предлог за определување мерка притвор за сите осомничени.
„Според обвинителството, од нивното однесување произлегува дека и покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените сепак подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега започнуваат дејствија на спречување и спрема вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници“,дополнуваат од таму.
